24фудбал

Ја освоија Копа Либертадорес, а спиеја на под на патот кон дома (ВИДЕО)

Составот на екипата победник во женска конкуренција во јужно американската Лига на шампиони, се соочи со реалноста во однос на често поставуваното прашање околу рамноправноста во женскиот и машкиот фудбал.

Останато

Атлетико Хулиа ја освои Копа Либертадорес во женска конкуренција, а со тоа стигна и до парична награда од 55,000 долари, но, истата нема да заврши во рацете на победникот, туку, ќе „легне“ на сметката на машкиот тим на таа екипа, вест која крена голема прашина околу рамноправноста.

Сево ова го потврди капитенот на екипата, Јорели Ринкон во своето обраќање до јавноста откако нејзината екипа со победа над Сантош по изведувањето на пенал серијата од 5-3 го подигна трофејот, но, таа ја објасни и ситуацијата во која се најде клубот веднаш потоа.

За оваа титула ние освоивме 55,000 долари, пари кои никогаш нема да стигнат до нас, истите ќе завршат кај машката екипа, тим кој има друг претседател во однос на тој кој што го имаме ние“ посочи Ринкон, а како причина за сево ова го наведе големиот долг кој го има машката екипа на тој клуб.

Парите ќе отидат директно кон клубот, а ние нема да ги видиме, поради големиот долг на машкиот тим, тие пари ќе отидат директно кон нив, потоа, нешто што ќе остане ќе биде за нашиот претседател Диего Пердомо, тој кој се грижи за нас, кој одвојува од сопствен џеб“ заклучи таа.

Ова нејзино обраќање во јавноста крена голема прашина и се разви голема дебата околу тоа колку женскиот фудбал е далеку од рамноправност со машкиот. Како за пример се посочува фактот што победникот во машка конкуренција на Копа Либертадорес има парична награда од 6 милиони долари, што е огромна разлика со оние 55,000 долари кои ги добива победникот во женска конкуренција.

Меѓу другото, на социјалните мрежи кружи една снимка од тоа какво патешествие имале фудбалерките од Атлетико Хулиа, кои спиеја на под на аеродром, на патот кон својот дом.