24фудбал

Колумбиецот Кинтеро го реши „Суперкласико“ во Мадрид, Ривер е нов шампион на Јужна Америка (ВИДЕО)

Ривер стигна до четвртиот трофеј во Копа Либертадорес откако вечерва по продолженија со 3-1 го совлада својот најлут ривал Бока во реваншот од финалето.

Јужна Америка

Финалето во Копа Либертадорес заврши со победа на Ривер плејт. Мечот кој беше одложен откако беше нападнат автобусот на Бока, вечерва се одигра во Мадрид, двата тима го оставија срцето на терен, но на крајот се радуваа „милионерите“.

Бока реши играта да му ја препушти на противникот, да игра цврсто во одбрана и преку контри да ја бара својата шанса. Токму при една ваква ситуација во 44. минута, Бенедето донесе водство.

Напаѓачот доби топка во фор, двајца дефанзивци на Ривер извисија па Бенедето се најде очи во очи со голманот и рутински погоди за 0-1.

Ривер беше шокиран од овој гол, но „милионерите“ успеаја да се вратат во игра во 68. минута. По еднa одлична акција, Фернандез му асистираше на Прато за 1-1.

Во финалето од Копа Либертадорес не важи гол во гости, па мечот отиде во продолженија, а таму следуваше пех за Бока по само 120 секунди. Бариос доби втор жолт картон и беше исклучен.

Клучниот момент на мечот се случи во 109. минута кога Кинтеро од место од врвот на шеснаесетникот испрати „проектил“ под пречката и донесе водство за Ривер од 2-1.

Бока потоа фрли се на една карта, последните минути ги одигра и со играч помалку откако Гаго се повреди, и немаше среќа да се изборат за пенали откако во 119. минута Хара погоди статива.

Надежите за чудо умреа во 122. минута кога Ривер тргна во нова корна и Мартинез осамен истрча со топката до празната мрежа на Бока за 3-1 и четврта титула за „милионерите“ во Копа Либертадорес.