24фудбал

Лудо второ полувреме на Гудисон, Ватфорд направи магичен пресврт, Евертон се спаси во 96. минута (ВИДЕО)

Евертон и Ватфорд огираа возбудлив меч со драматична завршница, гостите беа на прагот на победа со магичен пресврт, но Дињ со својот деби гол донесе бод за домаќините.

Англија

Во последниот меч од 16. коло во Премиерлигата, Евертон и Ватфорд ги поделија бодовите на Гудисон.

„Карамелите“ поведоа со нерегуларен гол во 15. минута. Гомеш се „прошета“ во шеснаесетникот и го проигра Ришарлисон за 1-0, но судијата не забележа дека Волкот, кој беше во офсајд, непотребно имаше контакт со топката.

Потоа следуваше лудо второ полувреме во кое гостите направија пресврт за две минути. Најпрво Колман несреќно ја затресе сопствената мрежа. Переира ја погоди стативата, топката се одби од десниот бек и заврши зад грбот на Пикфорд за 1-1.

Во 65. минута Евертон капитулираше одново, Дукуре со глава погоди за 1-2 и нова радост на Ватфорд.

Само 120 секунди подоцна, домаќините можеа експресно да се вратат во игра но Сигурдсон не реализираше пенал, гостинскиот голман реагираше одлично и во пад со нога го одбрани ударот по средината од голот.

Евертон сепак успеа да стигне до бод, во 96. минута од мечот, Дињ мајсторски погоди од слободен удар и со својот деби гол донесе 2-2.