24фудбал

По срамната елиминација од ЛЕ стигна и казната за Милан од УЕФА за прекршување на ФФП

Европската куќа на фудбалот ја соопшти казната за Милан за прекршување на Финансискиот фер плеј, „росонерите“ останаа без 12 милиони евра и ќе имаат пократок состав во следните две сезони.

Италија

УЕФА веќе еднаш донесе одлука и реши да го исфрли Милан од Европа, но „росонерите“ се пожалија до Судот за спортска арбитража (ТАС), кој ја прифати жалбата и и нареди на Европската куќа на фудбалот да ја поништи казната.

Па денеска пристигна нова одлука, која е далеку поблага. Милан ќе остане без 12 милиони евра кои му следуваа за настап во Лига Европа оваа сезона. Клубот од Сан Сиро исто така нема да може да регистрира повеќе од 21 играч во следните две сезони (2019/20 и 2020/21) во натпреварувањата под капата на УЕФА.

Милан исто така доби рок до 30. јуни 2021 да дојде до позитивна нула или во спротивно ќе биде исфрлен од Европа на една сезона во 2022/23 или 2023/24.

Ваквите вести дојдоа само 12 часа по срамната елиминација од Лига Европа. По синоќешниот пораз од 3-1 на гостувањето кај Олимпијакос, Милан не ја преживеа групата во која уште беа и Бетис и Дуделанж.