24фудбал

Пандев открива што му кажал судијата за спорниот момент кога не доби пенал и зошто ВАР останал нем

Горан Пандев смета дека стартот на Флоренци врз него бил чист пенал, но открива дека судијата не сметал така и бил толку многу уверен во својата проценка што не сакал да се консултира со ВАР.

Италија

Џенова синоќа загуби на „Олимпико“, но гостите има за што да жалат откако два пати водеа а во финишот имаа добра прилика да го изненадат противникот, а не им беше досуден и пенал.

Во центарот на случувањата беше Горан Пандев, кој во 89. минута пропушти изгледна шанса, а врз него стартуваше и Флоренци во спорниот момент од 95. минута.

„Пеналот беше чист“ - вели Пандев за Раи. „Но како што ние играчите правиме грешки, така и судиите можат да погрешат. Останавме без бодови и жалиме за ова, не заслуживме да загубиме“.

„Му кажав на судијата да го прегледа инцидентот, тој во прв момент не ми кажа ништо и само се насмевна. Вакви грешки се случуваат, но можат да се избегнат со ВАР. Судијата потоа ми кажа дека видел добро што се случувало и затоа не се консултирал со ВАР“.