24фудбал

Коментар на денот по отказот на Жозе Мурињо (ФОТО)

Главна вест ова утро е отказот на Жозе Мурињо, Манчестер јунајтед реши да се раздели со стратегот по две ипол години, потег кој предизвика голема дебата помеѓу фудбалските љубители.

Англија

„Ѓаволите“ никако да се вратат на прав пат откако Сер Алекс Фергусон го напушти кормилото. Дејвид Мојс дојде како „Избраниот“ а си замина уште пред да заврши сезоната. Рајан Гигс не импресионираше како привремена опција, а работите не ги среди ниту Луј ван Гал.

Во 2016 на Олд Трафорд пристигна Жозе Мурињо, тренер со големо педигре кој носел успеси во сите клубови каде што работел, па фановите почнаа одново да сонуваат за славните денови.

Португалецот во својата прва сезона ја освои Лига Европа и го врати Манчестер јунајтед во Лигата на шампионите, а во втората заврши како вицешампион во Премиерлигата.

Но наместо прогрес, во третата сезона Манчестер јунајтед доживеа катастрофа. По 17. кола, „ѓаволите“ заостануваат дури 19 поени зад лидерот Ливерпул, имаат примено 29 погодоци, повеќе отколку цела мината сезона, а Португалецот успеа да се испокара со половина тим.

Отказот веројатно беше неизбежен, но голем дел од фудбалските љубители беа изненадени од одлуката на управата на Манчестер јунајтед. На социјалните мрежи има огромен број на постови и мислења, а за тоа што се случува со најтрофејниот клуб на Англија најдобро отсликува коментарот на еден читател на „Гардијан“.

„Манчестер јунајтед стана се она на кое едно време се смееше. Троши пари како Сити, зборува за историја како Ливерпул, цели на четвртата позиција како Арсенал и менува тренери како Челси“ – гласи коментарот.