24фудбал

Бешикташ го посакува Јаховиќ, турскиот гигант нуди 1,6 милиони евра за Македонецот

Турските медиуми пренесоа дека Бешикташ пријавил интерес за македонскиот напаѓач од редовите на Коњаспор, а за неговите услуги нуди 1,6 милиони евра, што е сума мошне близу на онаа која Коњаспор ја издвои за да го доведе напаѓачот во јануари годинава.

Македонија

Бешикташ не игра во посакуваната форма, а во моментов заостанува седум бода зад лидерот Истанбул Башакшехир по 17 одиграни кола во турската Суперлига, па така, шефот на стручниот штаб на тимот, Шењол Ѓунеш е во потрага по искусен и квалитетен напаѓач.

Веројатно искусниот стратег не е задоволен од перформансите на Бабел, Љајиќ, како и Лав, па тој посакува нападот да го засили и со македонскиот бомбардер од редовите на Коњаспор, Адис Јаховиќ.

31 годишниот Јаховиќ оваа година во јануари се приклучи на редовите на Коњаспор, клуб со кој има договор до 2020. година, а Бешикташ за услугите на Македонецот нуди 1,6 милиони евра, скромна понуда која е близу до онаа од 1,5 милиони евра, сума која Коњаспор му ги исплати на Гезтепе.

Јаховиќ сезонава има постигнато пет погодоци, од кои два во ударите од белата точка, а тоа што е интересно како податок за офанзивниот ред на Бешикташ, ниту еден напаѓач од таа екипа не е помеѓу првите 15 стрелци во лигата досега, токму на 15. позиција е нашиот фудбалер.