24фудбал

Циркус во втората лига на Англија, Лидс испратил шпиун на тренингот на Дерби, интервенирала и полицијата!

Марсело Бјелса очигледно не бира средства за да го однесе Лидс во Премиерлигата, па тимот од „Еланд роуд“ направи вистински циркус пред вечерашната пресметка со Дерби.

Англија

Лидс на нашиот Езгјан Алиоски е лидер на табелата по 26. кола, но до крајот на сезоната има уште многу и Марсело Бјелса прави сè што може за да ги однесе „белите“ во елитата.

Сепак, последниот потег на „лудакот“ направи циркус во втората лига на Англија. Полиција се појавила на синоќешниот тренинг на Дерби, а Франк Лампард дури бил проморан и да ја прекини сесијата бидејќи имало сомнително лице крај оградата.

По извршениот претрес било установено дека се работи за вработен во Лидс јунајтед, кој со себе имал двоглед и клешти. Шпиунот сепак не бил приведен, и по направените проверки лицето било пуштено на слобода.

Медиумите од Англија пренесуваат дека од таборот на Дерби поднеле жалба до фудбалските власти поради инцидентот а клубот исто така соопшти и дека стапил во контакт со Лидс и бара објаснување на целата ситуација.

Пред вечерашната пресметка на „Еланд роуд“, Дерби се наоѓа на позицијата број шест и има -8 во онос на лидерот Лидс.