24фудбал

Манчестер јунајтед учи од Челси, ако Мурињо стане тренер на Реал, „ѓаволите“ ќе добијат 10 милиони фунти

Според пишувањата на „Сан“, Ед Вудворд вметнал специјална клаузула при разделбата со Жозе Мурињо според која „ѓаволите“ ќе добијат милионско обесштетување доколку Португалецот си најде нова работа.

Англија

По поразот од Ливерпул на средината од декември, Манчестер јунајтед реши да се раздели со Жозе Мурињо. Поради предвремениот прекин на соработката, „ѓаволите“ му исплатија на Португалецот 15 милиони фунти.

Но според пишувањата на „Сан“, Ед Вудворд го следел примерот на Челси и вметнал специјална клаузула. Кога Мурињо доби отказ од Челси во декември 2015, „сините“ ставиле клаузула според која тие ќе добијат обесштетување доколку тој се врати на работа во следните 12 месеци.

За клуб од Премиерлигата сумата изнесувала 15 милиони фунти (колку што плати и Манчестер јунајтед), а за клуб од друго првенство имало мал попуст и сумата била 10 милиони фунти.

Па „Сан“ вели дека идентични услови се поставени и сега при разделбата на Манчестер јунајтед и Жозе Мурињо, и доколку „специјалниот“ го превзеде Реал Мадрид како што се шпекулира, „ѓаволите“ ќе добијат 10 милиони фунти.