24фудбал

Барса изненади, го засилува нападот со Боатенг!

Проблематичниот Кевин Принц Боатенг на стари години доби шанса да се покаже во еден од најголемите клубови во светот, напаѓачот треба да потпише за Барселона.

Шпанија

„Каталонците“ изминатиов период беа во потрага на нов офанзивец кој ќе му овозможи на Ернесто Валверде ротација во форот и можност да го одмори Луис Суарез.

Барселона се поврзуваше со неколку имиња како Алваро Мората, Карлос Вела и Кристијан Стуани, но попладнево на големо изненадување пристигна веста дека изборот паднал на Кевин Принц Боатенг.

Фудбалерот, кој е роден во Германија но реши да ги брани боите на Гана, во кариерата има променето голем број клубови и неговиот проблематичен карактер го спречи да го покаже раскошниот талент. Останува да се види дали 31 годишниот Боатенг сега ќе успее да ја искористи оваа шанса да заигра на највиско ниво и да покаже што умее.

Тој на Камп Ноу ќе пристигне на позајмица до крајот на сезоната од Сасуоло, а шампионот на Шпанија ќе има опција во целост да го откупи за 8 милиони евра.