24фудбал

Боатенг: Не ме прашувајте за Реал... тоа е минато, сакам гол на Ел класико на Бернабеу

Кевин Принц Боатенг потврди дека се сели во редовите на Барселона, репрезентативецот на Гана изрази желба да постигне гол за „каталонците“ на Ел клаиско на Сантијаго Бернабеу.

Шпанија

Најголемо изненадување на трансфер пазарот овој месец веројатно ќе биде преселбата на Кевин Принц Боатенг на Камп Ноу. Ернесто Валверде бараше нов офанзивец за поголема ротација во форот, а управата на клубот реши да му го донесе 31 годишниот Кевин Принц Боатенг.

Проблематичниот Германец, кој реши да ги брани боите за Гана, потврди дека ќе го облече дресот на шампионот на Шпанија.

„Барса доаѓам!“ - изјави Боатенг за новинарот на Скај Спорт Италија, Фабрицио Романо. „Жал ми е што го напуштам Сасуоло, но ова е неверојатна шанса“.

Пред две години, фудбалерот изјави дека е голем фан на Реал Мадрид и дека како дете за него постоела само белата боја.

Сепак, Кевин Принц Боатенг сега порача дека во мислите му е само Барса и изрази желба да постигне гол на Ел класико на Сантијаго Бернабеу.

„Не ме прашувајте за Реал... тоа е минато! Се фокусирам само на Барселона и се надевам дека ќе постигнам гол на Бернабеу на следното Ел класико“.

Во меѓувреме, Барселона официјално соопшти дека Кевин Принц Боатенг пристигнува на позајмица до крајот на сезоната со опција во целост да биде откупен за 8 милиони евра. Неговата презентација ќе биде утре.