24фудбал

Челси го доживеа најтешкиот пораз во последните 28 години, и за прв пат прими четири гола на две гостувања (ВИДЕО)

Манчестер Сити го понижи Челси на Етихад, избраниците на Пеп Гвардиола со 6-0 ги совладаа „Сините“ кои го доживеаја најтешкиот пораз од 1991 па наваму.

Англија

Челси нема по добро да го памети денешното гостувањето кај Манчестер Сити. Избраниците на Сари веќе по 25 минути беа во голема негатива, Кепа капитулираше дури четири пати.

Стерлинг го отвори резултатот по само четири минути, Агуеро со прекрасен гол зголеми на 2-0 во 13. минута, за потоа Аргентинецот да искористи една грешно вратена топка на Баркли и рутински да реализира за 3-0.

Гундоган со шут од далечина во 25. минута ја затресе мрежата на гостите за 4-0 и тоа значеше дека Челси за прв пат во ерата на Премиерлигата прима четири погодока на две последователни гостувања откако загубија со 4-0 од Борнмут.

Во продолжението од мечот, Агуеро од пенал во 56. минута стигна до хет-трик а Стерлинг во 80. минута го постигна својот втор гол и ги постави конечните 6-0.

Конечниот резултат значеше дека „Сините“ го доживеаја најтешкиот пораз во последните 28 години во сите натпреварувања, односно откако во 1991 загубија од Нотингем Форест со 0-7.