24фудбал

Сари има еден месец за да се спаси од отказ во Челси

Италијанскиот фудбалски стратег има тешка задача по ултиматумот кој наводно го добил од челниците на клубот, распоредот не е баш „добредојден“ за него во една ваква исклучително тешка ситуација.

Англија

Челси е во проблеми, тимот кој го предводи Маурицио Сари во новата година нема постигнато ниту еден гол на гостински терен во сите конкуренции, а дебаклот кај Манчестер Сити со 6-1 ја прели чашата кај раководството на тимот од Лондон.

Гардијан пишува дека италијанскиот фудбалски стратег има само еден месец за да ја спаси својата работа на клупата на Челси, па токму овој месец, февруари, ќе биде клучниот за иднината на Сари, кој, доколку не донесе резултати, ќе се соочи со отказ.

Челси задутре, во четврток гостува кај Малме во првиот меч помеѓу тие екипи во 16-финалето од Лига Европа, за веднаш потоа да следи дуел со Манчестер јунајтед во ФА Купот на Англија, а потоа следи реваншот со Малме на домашен терен, по што следат Брајтон во Премиерлигата, односно Манчестер Сити во Лига Купот на Англија. Последниот предвиден меч за Челси за овој месец е оној на домашен терен против Тотенхем во Премиерлигата.

Сините од Лондон најпрво беа убедливо поразени на гостувањето кај Борнмут со 4-0, по што следеше „поправен“ против Хадерсфилд на домашен терен, но, дебаклот од Сити ги отвори раните од претходниот убедлив пораз кај Борнмут, а се шпекулира дека Сари ја загубил контролата во соблекувалната на својот тим.