24фудбал

Димитриевски: Верувам дека Рајо нема да испадне

Во пресрет на утрешниот натпревар меѓу Рајо Ваљекано и Атлетико Мадрид, весникот „АС“ му направи интеревју на нашиот голман, Столе Димитриевски.

Шпанија

Димитриевски верува дека Рајо Ваљекано на крајот ќе избори опстанок во Примера, а утрешниот меч против Атлетико Мадрид сака да заврши со победа на неговиот тим од 1-0.

„Атлетико Мадрид загуби од Реал Мадрид и има меч од Лигата на шампионите следната недела, тоа ни оди во прилог за да избориме позитивен резултат“, вели Столе Димитриевски за „АС“.

„Атлетико одлично се брани и има опасни контра напади кои многу често завршуваат со гол поради квалитетот на нивните фудбалери. Ние преферираме да играме повеќе со топката, а тие сакат директен фудбал“.

„Против Мората и Коста играв на мечот меѓу Шпанија и Македонија. Знам како играат тие, можат да постигнат гол од било која акција“.

„Облак е исклучителен голман. Тој и Тер Штеген се најдобри во лигата. Облак е многу смирен и знае перфектно што да направи и каде да се постави. Тој му дава многу на Атлетико“.

„Ла Лига е многу компетативно натпреварување, било кој од дното на табелата може да победи тим од врвот. Ние треба да го играме нашиот фудбал, да бидеме фокусирани и верувам дека можеме да победиме. Сакам натпреварот да заврши 1-0, да победиме и да не примам гол“.

„На чекор сме до излез од опасната зона и не се предаваме. Уверен сум дека на крајот ќе останеме во Примера“.

Новинарот на „АС“ го пофали Димитриевски дека многу добро го зборува јазикот, а тој ја откри тајната за тоа.

„Гледав многу шпански серии со мојата мајка и научив брзо, за шест месеци тука веќе имав коверзации“.