24фудбал

Икарди очи во очи со Марота, средбата траела 15 минути

Сосема е јасно дека извршниот директор на Интер, инаку поранешен висок функционер на Јувентус, ќе го примени својот авторитет над напаѓачот за кого се шпекулира дека веќе има договор со Старата Дама за трансфер на лето.

Италија

Газета дело Спорт објави одредени детали за средбата која ја имаше Мауро Икарди со дел од повисоките челници на Интер денеска на тренинг центарот на клубот во Милано, а сево ова доаѓа по хаосот кој настана околу напаѓачот.

Најпрво на Икарди му беше одземена капитентската лента, а истата му беше врачена на Хандановиќ, а пред самото гостување кај Рапид во Виена, каде Интер славеше со 0-1 во првата пресметка со тој противник во 16 финалето од Лига Европа, тренерот на Нероаѕурите, Спалети откри дека напаѓачот одбил да биде дел од составот.

Средбата помеѓу Икарди, извршниот директор, Бепе Марота, спортскиот директор Пјеро Аусилио, како и директорот за организациската поставеност во клубот Џовани Кардини, била кратка и траела само 15 минути.

Подетални информации околу таа средба не се познати засега, а сосема е јасно дека средбата била за да се расчистат сите дилеми помеѓу обете страни.

Весникот пишува дека Икарди на тренинг центарот пристигнал еден ипол час по терминот за утринскиот тренинг и го напуштил тренинг центарот откако завршил со својот посебен третман за повредата од која се рехабилитира.