24фудбал

Зидан се враќа во Реал, Французинот добива комплетна моќ и бланко чек за засилувања?!

Според пишувањата на медиумите од Шпанија, Флорентино Перез му се јавил на Зинедин Зидан и побарал од Французинот да го наследи Сантијаго Солари на кормилото.

Шпанија

Сантијаго Солари веројатно ќе доби отказ до крајот на неделата откако сезоната на Реал Мадрид заврши за само седум дена. Поразите од лутиот ривал Барселона во Копа дел Реј и Ла Лига сигурно болат, но синоќешната срамна елиминација од Ајакс, тешко дека некој ќе може да ја прости.

Според ТВ каналот Ла Секста, Флорентино Перез сака да го врати Зинедин Зидан. Во емисијата „Хугонес“ беше обелоденето дека првиот човек на Реал Мадрид стапил во контакт со Французинот, кој во мај си поднесе оставка откако за две ипол години на кормилото освои три титули во Лигата на шампионите и една во Ла Лига.

Флорентино Перез побарал до Зизу да се врати како замена за Солари. Сепак, 46 годишниот стратег ја одбил можноста одново да седне на тренеското столче во овој момент, но бил отворен за идеата во јуни да направи кам-бек.

Со цел да го убеди Зинедин Зидан, Флорентино Перез е подготвен да му даде комплетна моќ и тој да кажува кои играчи треба да пристигнат а кои да заминат. Исто така на располагање ќе добие и бланко чек за засилување на тимот.

Како друга опција на Флорентино Перез се посочува Жозе Мурињо.