24фудбал

Зошто Реал Мадрид ги отпушта тренерите, а Барса не?

Интересна дискусија отвори Марка со тоа што направи компарација помеѓу Реал Мадрид и Барселона во однос на тоа каква политика имаат двата шпански гиганти во однос на тренерската позиција во обете екипи.

Шпанија

Во понеделникот, оваа седмица, Реал Мадрид го назначи Зинедин Зидан за нов тренер, а воедно ова беше враќање на францускиот стратег на клупата на шпанскиот гигант по 284 денови откако се повлече од таа позиција.

За Кралевите, Зидан е третиот тренер оваа сезона откако на Сантијаго Солари му беше врачен отказ, а истата судбина го снајде и неговиот претходник Хулен Лопетеги, на оваа тема пишуваше Марка и запраша зошто Барселона не ги отпушта тренерите, воедно додавајќи дека Реал Мадрид има испуштено дури десет тренери, а Каталонците ниту еден веќе подолг период.

Ван Гал е последниот тренер кој беше отпуштен на Камп Ноу, тоа се случи во јануари 2003. година кога претседател на Барселона беше Хуан Гаспарт.

Од тогаш, па наваму, секој тренер кој беше на кормилото на Каталонците докрај го одбработи својот договор, во периодите кога претседатели на тој клуб беа Лапорта, Росел и сегашниот Бартомеу.

Франк Рајкард мина пет сезони на Камп Ноу со Лапорта, кој постојано му укажуваше поддршка, дури и кога немаше резултати во првата година од неговото предводење на тимот.

Холанѓанецот дури и ја донесе втората титула за Каталонците во Лигата на шампионите а Лапорта не криеше дека сака да му го продолжи договорот пред да си замине во 2008. година.

Пеп Гвардиола мина онолку период колку што посакуваше, си замина на крајот од четвртата сезона откако не успеа да освои трофеј ниту во Примера, ниту во Лигата на шампионите.

Негов наследник беше Тито Виланова, но, тој поради здравствени проблеми беше принуден да си замине, а потоа на таа позиција седна Тата Мартино, Аргентинецот кој си го одработи својот договор и си замине, по што на клупата седна Луис Енрике.

Енрике си замина на крајот од својот договор во 2017. година, претходно освојувајќи тројна титула во неговата прва сезона, а од тогаш, па наваму тренер е Ернесто Валверде, кој потпиша нов договор со кој треба да остане дополнително уште една година.

Во периодот за кој веќе наведовме, Реал Мадрид отпушти дури 12 тренери кои не ги одработија своите договори докрај со клубот.

Дел Боске и Жозе Мурињо беа единствените кои избегнаа отказ и одлучија да си заминат по истекот на своите договори, додека пак, Зидан се повлече.

Од 2003. година па наваму,  Квеироз, Гарсија Ремон, Вандерлеи  Луксембурго, Фабио Капело,  Бернд Шустер, Маурицио Пелегрини, Карло Анчелоти, Рафа Бенитез, Хулен Лопетеги и Сантијаго Солари добија отказ во период кога претседатели беа Роман Калдерон, како и сегашниот Флорентино Перез.