24фудбал

Валенсија се спаси во самиот финиш, Челси и Наполи го потврдија пласманот во четвртфиналето од ЛЕ (ВИДЕО)

Валенсија беше на прагот од елиминација откако Краснодар во завршницата имаше резултат кој го носи во четвртфиналето од Лига Европа, од останатите реванш натпревари кои почнаа нешто порано од останатите предвидени за денеска, Челси и Наполи го потврдија местото помеѓу осумте најдобри

Лига Европа

Валенсија најпрво славеше со 2-1 на домашен терен против Краснодар, а на реванш пресметката во Русија, тимот од Местаља се спасуваше во самиот финиш откако домаќините имаа резултат кој ги носеше во четвртфиналето од Лига Европа, но, не издржаа да го сочуваат водството до последниот судиски свиреж.

Водечкиот гол за Краснодар го постигна Сулејманов кој во 85. минута, а во самиот финиш од судиското продолжение Гуедес израмни на 1-1, со што беше поставен конечниот исход од овој меч.

Челси го потврди пласманот во четвртфиналето откако најпрво на домашен терен славеше со 3-0 над Динамо Киев, а вечерва на терен на украинскиот клуб славеше убедливо со 0-5, а Премиерлигашот му нанесе дебакл на својот противник со вкупен резултат од 8-0.

Жиру беше вистински предводник за тимот од Лондон на реваншот во Киев постигнувајќи хет-трик, по еден погодок постигнаа Алонсо и Хадсон-Одои.


Од трите реванш пресметки кои се одиграа од терминот 18,55 часот, Наполи исто така го потврди пласманот во четвртфиналето, откако иако загуби на гостувањето кај Салцбург со 3-1, претходно на домашен терен славеше убедлива победа од 3-0.

Милик најпрво ги доведе Италијанците во почетно водство, а Дабур израмни на 1-1. Гулбрендсен ја најави победата донесувајќи пресврт од 2-1, а конечните 3-1 ги постави Лејтгеб за утешна победа за австрискиот тим. 


Од 21,00 часот стартуваат следните реванш пресметки од осминафиналето: Арсенал – Рен, Бенфика – Динамо Загреб, Интер – Ајнтрахт Франкфурт, Славија Прага – Севиља и Виљареал – Зенит.