24фудбал

Роналдо повторно во репрезентацијата на Португалија

Првата ѕвезда на Јувентус се врати во стројот на репрезентацијата на Португалија, Фернандо Сантош ќе го има искусниот офанзивец на располагање за претстојните дуели со Украина и Србија.

Останато

По речиси една година, Кристијано Роналдо повторно се врати во репрезентацијата на Португалија, тој за момент претходно се повлече од таа селекција, наведувајќи дека во договор со стручниот штаб нема да настапува во Лигата на нации.

Како причина за таквата одлука, првата ѕвезда на Јувентус тогаш наведе дека на 33 години го променил клубот, мислејќи на трансферот од Реал Мадрид во Јувентус, додавајќи дека му било потребно време да се прилагоди на новите услови.

Во тогашната изјава од пред два месеци, Португалецот најави враќање во националниот тим, а ветувањето веќе го оствари.

Последен настап на Роналдо во дресот на Португалија беше за време на Светското првенство во Русија ланското лето, а сега Фернандо Сантош ќе го има на располагање за дуелите против Украина идниот петок, како и против Србија идниот понеделник, на стартот од квалификациите за Европското првенство.