24фудбал

Сејдини е нов претседател на ФФМ

На денешното редовно генерално собрание на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини беше избран за нов претседател на ФФМ.

Македонија

Денеска во Охрид се одржа генералното собрание на ФФМ на кое Муамед Сејдини беше избран за нов претседател. Од 96 делагати на собранието, присутни беа 90 од кои 82 гласа за Сејдини.

Прв му честиташе претставникот на УЕФА, Давор Шукер, а на собранието присутни беа и Хејди Беха како претставник на ФИФА, генералниот секретар на МОК Сашо Поповски и заменик директорот на Агенцијата за млади и спорт, Газменд Ристеми.

„Најнапред сакам да ја изкажам мојата благодарност до сите Вас за укажаната довербата. Голема е честа да се биде претседател на Фудбалската федерација на Македонија и да се бориме за македонскиот фудбал. Вратата на Фудбалската федерација на Македонија секогаш ќе ви биде отворена. Во име на нашата „Куќа на фудбалот“, сакам да Ви се заблагодарам за соработката во изминатиот период, но и да укажам на новите предизвици кои ги имаме и кој заеднички ќе се трудиме да ги исполниме“, изјави Муамед Сејдини откако беше изгласан за претседател.

„Искрено се надевам дека сите заедно ќе работиме на заедничкото создавање подобра иднина за нашиот фудбал. Со својата професионална активност во фудбалот ќе придонесуваме за јакнењето на заедништвото и меѓусебното почитување. Од сите нас се очекува да создадеме услови за подобрување на атмосферата, условите и амбиентот на фудбалско живеење во нашата држава, чесно и посветено ќе се бориме за тоа. Оваа Федерација секогаш ќе биде отворена за добри идеи и конструктивни предлози, секогаш ќе биде отворена за луѓе кои посакуваат европски фудбал и во Македонија“.

„Бидете сигурни дека со сета сила и капацитет ќе се стремиме да ги оствариме целите од Стратегискиот план на Федерацијата, а тоа значи целосна поддршка од ФФМ за Националните селекции, Општинските фудбалски Сојузи, домашното натпреварување, инфраструктурно подобрување и развој на младинскиот фудбал. Би сакал да изразам голема благодарност до УЕФА и ФИФА, две организации кои се нераскинлив дел од нашето работење и се надевам дека ќе бидеме горди на низа заеднички проекти и во иднина. Ве повикувам чесно и одговорно да продолжиме да даваме придонес за развој на фудбалот во Македонија“.