24фудбал

Хуријет: Македонија е шанса за Елмас да си го исчисти умот

Медиумите во Турција на големо се занимаваат со последните случувања околу нашиот голем фудбалски талент од редовите на Фенербахче, екипа која бележи катастрофална сезона зад себе.

Македонија

Фенербахче не само што не се бори за излез во Европа сезонава на табелата во турската Суперлига, туку гигантот од Истанбул мака мачи да избори опстанок во елитното фудбалско друштво на Турција, а во сивилото таа екипа е секако и нашиот Елиф Елмас.

Тамошните медиуми секојдневно пишуваат за младиот Македонец кој веројатно се соочува со големи проблеми изминатиов период, а ситуацијата кулминираше пред две седмици во поразот кај Истанбул Башакшехир, каде одигра само едно полувреме, а доби големи критики, сепак, на крајот беше тешен од својот тренер Ерсун Јанал.

Турците пишуваа дека на тренингот по мечот, Јанал му испратил јасна порака на Елмас дека е иднината на клубот, и треба да работи чекор по чекор, а сега тамошните медиуми пишуваат дека Македонија е убава можност за Елмас да си го исчисти умот.

Националниот тим сега е терапија за Елмаспишува Хуријет мислејќи на повикот кој нашиот фудбалер го доби од селекторот Игор Ангеловски за претстојниот меч со Летонија на 21 март на домашен терен, на стартот од квалификациите за ЕП 2020, а три дена потоа следи и гостување кај Словенија.

За Елиф, ова ќе биде шанса за да ги отргне мислите кои ги има во моментов и да работи многу поудобно“ додава еден од највлијателните медиуми во Турција.

Фенербахче изминатиов викенд обезбеди победа од исклучително значење над Сиваспор со 2-1 пред своја публика, а Елмас истиот меч го проследи од клупата за резервни фудбалери и не доби прилика за настап.

19 годишниот Македонец сезонава одигра 23 натпревари за Фенербахе, а притоа постигна и еден гол досега.