24фудбал

Македонија против Летонија без Тричковски и Спировски, Ангеловски вели: ЕВРО 2020 е сон на сите

Репрезентацијата на Македонија ги стартуваше подготовките за првиот меч од квалификациите за Европското првенство, селекторот Игор Ангеловски нема да може да смета на Иван Тричковски и Стефан Спировски.

Македонија

„Црвено-жолтите“ попладне во 18:45 во тренинг ценарот „Петар Милошевски“ ќе го одработат првиот тренинг и ќе стартуваат со подготовките за дуелот со Летонија (на 21. март) во квалификациите за ЕВРО 2020.

На денешната средба со медиумите, селекторот Игор Ангеловски откри дека поради повреда надвор од комбинација се Иван Тричковски и Стефан Спировски, а денешниот собир ќе го пропушти и голманот Столе Димитриевски, кој дури доцна вечерва ќе допатува од Шпанија.

„Добро знаеме што не очекува, тоа е старт на квалификациите за Европското првенство. На првиот натпревар со Летонија нема да играат Спировски и Тричковски, по консултација со лекарите. Чест е да се работи со овие момци, сега целата јавност од нив бара да се пласираат на ЕВРО 2020. Ние одиме од натпревар во натпревар. Што се однесува до противникот, имавме доволно време да направиме детална анализа. Се работи за тим составен претежно од домашниот шампионат и ривал доста незгоден при прекините и дуел играта. Мора да внимаваме при тие работи. Не бегаме од улогата на фаворити, сакаме да победуваме против секого. Рано е да говориме за целите во овој циклус. Не би говорел за цели, Македонија има два начина да се избори за ЕВРО 2020, што е цел и сон на сите. Се надевам дека ќе го оствариме“ - изјави Игор Ангеловски.