24фудбал

Флорентино Перез праќа емисари во Париз да опипаат терен за рекорден трансфер од 300 милиони евра

Зинедин Зидан побарал ангажман на Садио Мане, но Флорентино Перез има други планови и праќа емисари во Париз да опипаат терен за рекорден трансфер на Килијан Мбапе вреден 300 милиони евра.

Шпанија

Реал Мадрид летоска треба да добие нов лик. Веќе е донесено првото засилување, се работи за дефанзивецот на Порто, Едер Милитао за кого „кралевите“ одвоија 50 милиони евра.

Нападот ќе претрпи најмногу промени и се очекува пристигнување на неколку офанзивци. Еден Азар е дамнешна желба, а се почесто се говори и за ангажман на Садио Мане.

„Франс фудбал“ вечерва уште еднаш пренесе дека Сенегалецот е еден од приоритетите на Зинедин Зидан. Фудбалерот на Ливерпул беше желба на Зизу и минатата година, тогаш наводно се било договорено со играчот, но зделката пропадна кога Французинот неочекувано си поднесе оставка.

Сепак, Флорентино Перез има друга желба и трансферот од соништата за претседателот е Килијан Мбапе.

Според „Дефенса Сентрал“, емисари на „кралевите“ во следните денови ќе отпатуваат за Париз. Тие ќе имаат за цел да опипаат терен за реализација на еден ваков трансфер. Флорентино Перез нема да штеди за да го донесе Килијан Мбапе и подготвен е да плати рекордни 300 милиони евра.