24фудбал

Ван Дајк за Салах: Зборувајте што сакате за Мо, но тој е светска класа

Холандскиот дефанзивец кој игра во одлична форма застана во одбрана на првата ѕвезда на Ливерпул кој бележи лоша форма зад себе веќе подолг период во Премиерлигата, во услови кога неговиот тим мака мачи во битката за врвот со Манчестер Сити.

Англија

Дефанзивецот од Ливерпул, Вирџил Ван Дајк е убеден дека неговиот соиграч Мохамед Салах ќе се врати на голгетерските патеки откако Египјанецот потфрли дури и против Фулам изминатиов викенд каде неговиот тим едвај дојде до победа од 1-2 на гостински терен.

Салах нема постигнато гол веќе цели седум натпревари во сите конкуренции, но, Ван Дајк говорејќи на таа тема упати голема поддршка до првата ѕвезда на Ливерпул.

Мо е светска класа од фудбалер, луѓето можат да зборуваат што сакаат, но, мислам дека секоја екипа во Премиерлигата сака да го има во своите редови, ние го имаме, а јас мислам дека тој игра добро“ рече Ван Дајк.

Головите ќе дојдат од него, тоа е нешто што сигурно на еден напаѓач постојано му се врти во главата, но, ние постојано му укажуваме на тоа дека само треба да работи, останатото ќе си дојде самото по себе“ додаде Холанѓанецот.

Ливерпул со меч повеќе има два бода предност во однос на Манчестер Сити и се наоѓа на првото место на табелата во Премиерлигата со освоени 76 бода, а Салах со 17 голови е израмнет со Садио Мане кој игра во фантастична форма изминатиов период.