24фудбал

Пандев: Сакам победа против Летонија пред многу публика

Горан Пандев утре слави голем јубилеј, 100. натпревар во националниот дрес на Македонија, нашиот капитен посакува победа против Летонија и на арената „Филип Втори“ да има многу навивачи.

Македонија

Утре Македонија ги почнува квалификациите за Европското првенство во 2020 година, во првиот меч ја пречекуваме Летонија, a токму тој меч е 100. за Горан Пандев во репрезентативниот дрес.

„За јубилејот посакувам да ја победиме Летонија и тоа пред голем број на публика бидејќи оваа репрезентација го заслужува тоа. Не ми е важно дали ќе дадам гол, сакам да го започнеме циклусот со три бода“, изјави Горан Пандев на денешната прес конференција.

„Голема чест за мене е што го играм 100. натпревар за Македонија. Можеби немаше да дојдам до таа бројка доколку не беше селекторот Игор Ангеловски. Тој беше човекот што ме врати во репрезентацијата. Поради лошите услови за работа кои ги имавме претходно во еден период не играв за Македонија, но кога тој беше поставен за селектор, дојде кај мене, разговаравме и ме убеди да се вратам. Сега условите се сосема поинакви, а тоа се гледа и од нашите резултати“.

„Сите голови што сум ги дал за Македонија ми се драги, но никогаш нема да ги заборавам тие против Холандија и против Шпанија. Иако нема уште долго да играм, кариерата ми е при крај, во наредниот период посакувам да дадам уште голови за нашата репрезентација“.

„Уште не сум размислил што по завршувањето на кариерата, сигурно ќе играм уште една година. Актуелниот договор со Џенова ми истекува оваа сезона, имам понуда од нив за продолжување на уште една, но ќе седнеме со мојата фамилија и ќе размислиме што понатаму“.

Натпреварот меѓу Македонија и Летонија се игра утре на „Филип Втори“ арената со почеток од 20:45 часот.