24фудбал

АС направи анализа за можен трансфер на Погба во Реал: Има неколку причини ЗА но и неколку ПРОТИВ

Весникот АС направи анализа за можноста Пол Погба да се пресели на Бернабеу откако самиот играч откри дека сонува за настап во Реал и под водство на Зинедин Зидан.

Шпанија

Пол Погба денеска ја разбранува јавноста откако од кампот на Франција им намигна на „кралевите“. Фудбалерот истакна дека сонува за настап во Реал Мадрид и под водство на Зинедин Зидан.

Според пишувањата на АС, Пол Погба се наоѓа на листата со желби на Зинедин Зидан и клубот ќе стори се што може за да ги исполни барањата на стратегот. Весникот вели дека една ваква зделка има серија предности но и одредени мани.

Најголема причина поради која Погба може да потпише за Реал е Зидан, новиот тренер на „кралевите“. Односот помеѓу двајцата е одличен, Зизу, кој во неколку наврати го има пофалено Пол Погба и опишано како „играч кој има сè“ веќе еднаш побара да му биде донесен неговиот сонародник (летото во 2016).

Адидас исто така би сакал да види еден ваков трансфер. Германскиот производител на спортска опрема е спонзор на Реал Мадрид, како и на самиот играч, па и тие ќе имаат бенефит од зделката. 

Пол Погба е обврзан кон Манчестер јунајтед до 2021 и доколку двете страни не успеат да најдат заеднички јазик за продолжување на соработката, цената на Французинот ќе почне да опаѓа. Со секое изминато лето, неговата пазарна вредност ќе биде помала. Без нов договор, ова лето „ѓаволите“ можат да извадат најмногу пари од продажба на играчот.

Што се однесува до маните, најголем проблем е неговиот агент Мино Рајола. Токму поради контроверзниот Италијанец, Флорентино Перез реши да не наддава за Пол Погба во 2016, кога Манчестер јунајтед го купи Французинот. За реализација на тој трансфер, Рајола зеде провизија од сите три страни и си лапна 48 милиони евра, начин на кој претседателот на Реал не сака да работи.

Проблем може да преставува и платата на Пол Погба. АС повикувајќи се на написите на медиумите од Англија, вели дека примањата на играчот се помеѓу 10 и 12 милиони евра. Со ваква плата, тој треба да биде еден од најплатените во Мадрид.

АС за крај додава дека Реал и онака веќе има многу фудбалери од средниот ред: Касемиро, Маркос Љоренте, Крос, Модриќ, Себаљос, Иско и Валверде. Голем дел од овие играчи до крајот на сезоната ќе треба да го убедат Зидан дали заслужуваат да останат, или пак ќе бидат продадени за да се направи место за доаѓање на позвучни имиња.