24фудбал

Македонија против Летонија почнува нов квалификациски циклус, 100ти натпревар за Горан Пандев

Македонската фудбалска репрезентација вечерва ги почнува квалификациите за Европското првенство во 2020 година, овој меч е голем јубилеј за Горан Пандев, нашиот капитен ќе го одигра 100. натпревар за националниот тим.

Македонија

Македонија започнува нов квалификациски циклус, овој пат за Европското првенство во 2020 година. По одличниот настап во Лигата на нации, очекувањата се поголеми од претходно.

Македонија е во групата Г заедно со селекциите на Полска, Австрија, Словенија, Летонија и Израел. Една неатрактивна група во која може да се надеваме и на повисок пласман. Првите две репрезентации од групата обезбедуваат пласман на континенталното натпреварување.

Циклусот го започнуваме на домашен терен против Летонија. Влегуваме како реален фаворит и се освен три стартни бода ќе биде неуспех.

Летонија е селекција која е во криза, во изминатата година имаше само една победа во 12 одиграни натпревари. Во Скопје доаѓаат со нов селектор и надеж за подобри резултати. Во тимот немаат голема фудбалска ѕвезда.

„Фаворити сме, но не смееме да го потцениме противникот. Ќе ја играме нашата игра, со офанзивен пристап да дојдеме до победата и трите бода. Летонија има квалитет, точно е дека не постигнуваа многу голови во изминатата година и немаа победи, но и тешко примаа и имаа малку порази. Опасни се од прекини, но имаат и други квалитети. Имавме доволно време со моите фудбалери да ја анализираме нивната игра“, вели селекторот Ангеловски.

Овој натпревар ќе биде посебен за Горан Пандев, тој вечерва ќе стане само вториот играч во историјата кој по 100. пат го облекол дресот на Македонија.

„Голема чест за мене е што го играм 100-тиот натпревар за Македонија. За јубилејот посакувам да ја победиме Летонија и тоа пред голем број на публика бидејќи оваа репрезентација го заслужува тоа. Не ми е важно дали ќе дадам гол, сакам да го започнеме циклусот со три бода“, вели Горан Пандев.

Натпреварот меѓу Македонија и Летонија се игра вечерва на „Филип Втори“ Арената со почеток од 20:45 часот.