24фудбал

Мајката на Сала си ја отвори душата: Секако дека сум бесна, платија 17 милиони евра а не се грижеа за него како што требаше

Мајката на Емилијано Сала, Мерседес си ја отвори душата во разговор со Лекип, таа има прашања за смртта на нејзниот син и бара виновникот за оваа трагедија да биде казнет.

Англија

Аргентинецот го загуби својот живот откако авионот со кој патуваше за Кардиф се урна во Англискиот канал на 21. јануари. Истрагата за оваа трагедија ќе биде долга, се претпоставува дека ќе трае најмалку една година.

Во разговор со Лекип, мајката на Емилијано Сала, Мерседес за прв пат јавно проговори по немилиот настан. Таа бара да биде пронајден виновникот и да добие соодветна казна.

„Чекаме да дознаеме зошто и како починал. Под кои услови починал. Дали е грешка или небрежност на аеродромот, пилотот или посредникот кој го организираше летот?“ – вели Мерседес.

„Истражителите од Англија не посетија, имавме состанок. Им поставивме голем број на прашања и сега ги чекаме одговорите. Истрагата е во тек, мислам дека до крајот на годината ќе знаеме што навистина се случило. Мораме да имаме верба во службите. Сакаме да се дознае вистината за сè: за несреќата, за пилотот, за авионот. Многу работи се нејасни“.

„Барам правда за мојот син и доколку некој погрешил, ќе треба да плати за тоа“.

„Цел живот ќе бидам тажна. Во моментов сум и бесна. Јасно е дека не се грижеа за мојот син како што требаше. Платија за него 17 милиони евра... и на крајот не се грижеа за него како што тој заслужуваше“.

Таа исто така смета дека Кардиф мора да му плати на Нант за трансферот зошто Емилијано Сала ставил потпис на договорот. Клубот од Премиерлигата одбива да го стори тоа, па „канаринците“ доставија тужба до ФИФА и сега светската куќа на фудбалот треба да посредува.

„Емилијано стави потпис на договорот,  пред новинарите, пред сите. Имам слики, ако сакате ќе ви покажам. Па да, Кардиф мора да плати. Секако, тие спроведуваат сопствена истрага за да откријат што точно се случи, и тоа ми изгледа логично, но мора да го испочитуваат дадаениот збор. Неговиот потпис не може да биде избришан“.