24фудбал

Македонија тргна со победа, Пандев го одигра 100. натпревар

Македонската фудбалска репрезентација со 3-1 ја победи Летонија во првиот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2020, Горан Пандев по 100-ти пат го носеше дресот на националниот тим.

Македонија

Македонија одигра меч со импресивно прво полувреме во кое создаде повеќе шанси за гол и два пати ја тресеше мрежата на противникот, во вториот дел го чувавме водството од 2-0, а во една таква игра Летонија во финишот успеа да постигне погодок.

Пред почетокот од натпреварот Горан Пандев во чест на големиот јубилеј доби дрес од македонската репрезентација со бројот 100 и беше поздравен од публиката и соиграчите.

Со првиот свиреж на судијата тргнаа и нападите на Македонија кон голот на Летонија, нашата репрезентација играше офанзивно обидувајќи се рано да го отвори резултатот.

Првиот обид го имаше Горан Пандев во петтата минута од натпреварот, но биеше непрецизно над голот на Летонците.

Но само шест минути подоцна Македонија поведе со 1-0. Горан Пандев асистираше до Алиоски а тој со силен шут под голманот Вањинс ја смести во мрежата на Летонија.


Во 20. минута Ферхан Хасани имаше две извонредни шанси, во првиот обид беше блокиран, а во вториот гостинскиот голман одлично интервенираше и спречи Македонија да го зголеми водството.

Веднаш потоа Хасани беше повлечен од игра поради повреда, а на негово место влезе Елиф Елмас.

Во 25. минута следуваше фантастична можност на Енис Барди, од корна шутираше директно во голот на Летонија, но за жал ја погоди првата статива.

Пет минути подоцна Македонија поведе со 2-0, стрлец на голот беше Елиф Елмас, тоа беше негов прв гол за нашата сениорска репрезентација.


И покрај водството од 2-0 Македонија продолжи да напаѓа. Во судиското продолжение од првото полувреме Горан Пандев имаше убав обид да постигне гол на својот јубилеен меч, но голманот Икстенс кој претходно влезе на местото од повредниот Вањинс го одбрани ударот на нашиот капитен.

Во второто полувреме Македонија ја стабилизираше играта, не напаѓаше како во првиот дел, целта беше да се сочува водството. Во една таква игра првата шанса ја имаше Летонија. По една мешаница по слободен удар, топката дојде до Шабала кој шутираше но Димитриевски одлично одбрани.

Во 67. минута Македонија ја имаше првата шанса во второто полувреме, Пандев биеше од далечина, но голманот на Летонија го одбрани неговиот удар.

Нашите фудбалери не размислуваа за нов гол, ја умртвуваа играта, Летонците беа тие кои почесто се обидуваа и конечно им успеа да дадат гол, Исајевс го совлада Димитриевски во 87. минута за неизвесен финиш на мечот.

Дури по примениот гол нашите како да сфатија дека можат да направат од готово вересија, па Елиф Елмас со прекрасен погодок во судиското продолжение ги постави конечните 3-1.

Следниот натпревар на нашата репрезентација е веќе во недела кога и гостуваме на селекцијата на Словенија.

За Македонија на овој натпревар настапија: Димитеивски, Ристовски, Муслиу, Велкоски, Алиоски, Барди, Николов, Трајковски, Хасани (Елмас), Пандев (Ристевски), Несторовски.

Фото: ФФМ