24фудбал

Јуве ги промени приоритетите за засилување на одбраната, Паратичи наместо во Амстердам ќе патува за Лисабон

Медиумите од Италија пренесуваат дека скаути на Јувентус синоќа биле на „Луж“ и го следеле мечот помеѓу Португалија и Украина а во понеделник за Лисабон ќе отпатува и спортскиот директор Фабио Паратичи.

Италија

Португалската колонија во Торино би можела да се зголеми следната сезона. По Жоао Кансело и Кристијано Роналдо, Јувентус би можел да се засили и со нивните сонародници, Рубен Диас и Жоао Феликс.

Еден од приоритетите на „Старата Дама“ е подмладување на одбраната и барање наследници за Барзаљи, Кјелини и Бонучи. На листата со желби има неколку имиња како Ромеро од Џенова, Варан од Реал, Манолас од Рома, Де Лихт од Ајакс и Диас од Бенфика.

Се говореше дека Де Лихт е на врвот на списокот на Фабио Паратичи, но се чини дека Барселона ја добива битката за потписот на талентираниот Холанѓанец и спортскиот директор на Јувентус наместо во Амстердам ќе патува за Лисабон каде Португалија во понеделник ќе игра против Србија.

Скаути на шампионот на Италија и синоќа биле на „Луж“ и имаа прилика да се уверат во квалитетите на Диаз, кој му беше партнер на Пепе во одбраната.

„Ова не е ниту време ниту право место да разговараме за вакви работи, ќе видиме што ќе се случи во иднина. Рубен има 21 година и еден од најдобрите во светот на својата позиција. Ќе има блескава кариера и би сакал да видам како станува наш капитен во следните години“ - вели претседателот на Бенфика, Луис Фелипе Виеира во разговорот со новинарот на Тутоспорт, кој исто така е во Лисабон.

Рубен Диас има откупна клаузула вредна 60 милиони евра а за него интерес пројавуваат уште неколку клубови, помеѓу кои Атлетико Мадрид и ПСЖ.

Што се однесува до Жоао Феликс, тој има откупна клаузула од 120 милиони евра и Бенфика веќе размислува да ја зголеми.

„Во моментов не сме заинтересирани да го продадеме Феликс и наскоро ќе ја зголемиме неговата откупна клаузула. Тој има неверојатна техника, многу е брз и интелегентен. Исто така се работи за добра личност, со важни вредности и поради тоа сум горд. Не знам дали ќе биде следниот Роналдо, но тој е најголемиот талент од Португалија по Роналдо.“