24фудбал

„Ако го продадеме Мата ќе бидеш петта опција наместо шеста“ – зборовите на Мурињо кои му го промениле животот на Де Брујне

Фудбалерот на Манчестер Сити, Кевин Де Брујне го откри разговорот кој го имал со Жозе Мурињо по кој му се променил животот и кариерата, Португалецот сурово му кажал дека за него нема иднина во Челси.

Англија

Белгиецот сега е ѕвезда во Манчестер Сити и еден од најдобрите играчи во Премиерлигата, но неговата прва авантура на „островото“ не помина добро.

Во јануари 2012 тој потпиша за Челси, но до крајот на сезоната остана во Генк и дури по шест месеци се пресели на Стемфорд Бриџ. Но кратко потоа беше испратен на нова позајмица, овој пат во Вердер Бремен.

Кевин Де Брујне имаше одлична сезона во Бундеслигата, па доби и понуда од Клоп за останување во Германија (стратегот тогаш беше на кормилото на Борусија Дортмунд).

Жозе Мурињо го убеди играчот да остане во Лондон со ветување дека смета на него. Сепак, „сецијалниот“ брзо си го погази зборот, Де Брујне не добиваше шанса па во јануари 2014, играчот беше продаден на Волфзбург.

„Кога бев дел од Челси, имаше многу стории во весниците за мојот однос со Жозе Мурињо. Но вистината е дека јас зборував со него само два пати. Планот секогаш беше да одам на позајмица, па бев испратен во Вердер Бремен во 2012 и сезоната беше одлична. Кога следното лето се вратив во Челси, нколку клубови од Германија сакаа да ме купат. Клоп ме бараше во Борусија Дортмунд и тие негуваа фудбал во кој јас уживав. Па си помислив дека Челси можеби ќе ме продаде“ – вели Де Брујне.

„Но потоа Мурињо ми испрати смс порака, „Остануваш. Сакам да бидеш дел од овој тим“. Си реков ОК.. одлично, дел сум од неговите планови. Па кога се вратив на подготовките, имаше добри вибрации. Бев стартер на два од првите четири натпревари, и мислам дека одиграв добро. Не беше брилијантно, но прилично добро. Но толку беше, потоа ја греев клупата и не добив шанса, не добив ниту објаснување. Поради некои причини Мурињо не сметаше на мене“.

„Во декември месец ми се јави Жозе, и ме повика во неговата канцеларија. Ова веројатно беше вториот момент кој ми го промени животот. Имаше некои листови пред него и ми рече, „Една асистанција, нула погодоци. Десет освоено топки“. Ми требаше некоја минута за да разберам што прави. Потоа почна да ми ја чита статистиката на другите офанзивни играчи: Вилијан, Оскар, Мата и Ширле“.

„И почна да ми кажува, овој има пет гола, 10 асистенции итн. Жозе чекаше да му кажам нешто и на крајот му одговорив, „Но... дел од овие момци имаат настап на 15, 20 натпревари. Јас имам само три одиграни меча“. Потоа разговаравме за можноста одново да заминам на позајмица. Мата исто така не добиваше минутажа во тој период и Жозе ми рече, „Знаеш, ако Мата замине, тогаш ќе бидеш мојот петти избор наместо шести“. Па искрено му одговорив, „Чувствувам дека клубот не ме сака. Имам желба да играм фудбал, па подобро продадете ме!“. Мислам дека Жозе беше малку разочаран, но мислам дека и нему му беше јасно дека јас морав да играм. Па Челси ме продаде и тоа беше добра зделка за двете страни. Челси доби двојно повеќе од она што го плати за мене, а јас добив шанса да блеснам во Волфзбург“.

По 18 месеци поминати во Волфзбург, Кевин Де Брујне се врати на „островото“ откако Манчестер Сити плати за него повеќе од 70 милиони евра, и тогаш го направи Белгиецот најскап фудбалер во својата историја.