24фудбал

Таткото на Инсиње со тешки зборови за Анчелоти по елиминацијата од Арсенал

Италијанскиот фудбалски стратег не успеа да го предводи својот тим до полуфиналето од Лига Европа откако синоќа на свој терен забележа втор пораз од Арсенал во четвртфиналето.

Лига Европа

Таткото на Лоренцо Инсиње имал тешки зборови за шефот на стручниот штаб на Наполи, Карло Анчелоти, а тој бил „уловен“ од дел од италијанските медиуми каква била неговата реакција откако го напуштил Сан Паоло синоќа.

Тутомеркато и Радио Пунто Зеро пренесоа дека Кармин Инсиње бил толку лут за елиминацијата од Арсенал во четвртфиналето од Лига Европа, што при излегувањето од арената посочил дека Анчелоти е големо промашување за клубот.

Наполи ја загуби првата пресметка против Премиерлигашот на гости со 2-0, а синоќа пред своја публика имаше прилика да ја анулира таа негатива, но, на Сан Паоло една екипа играше, друга го собра сиот плен, откако гостите славеа минимално со 0-1 и ги откажаа Италијанците во походот кон полуфиналето.

Инсиње инаку одигра 61 минута на реванш пресметката, а при излегувањето од игра доби свирежи од гледалиштето, тој одби да се качи на трибините и од таму да го догледа мечот, тоа го стори стоејќи крај клупата за резервни фудбалери, а неговите соиграчи Кулибали и Гулам во изјава за Скај Спорт Италија застанаа зад него и побараа од навивачите тоа да не го прават во иднина.