24фудбал

Џенова по трет пат ќе му го менува тренерот на Пандев оваа сезона?

Информациите од Италија велат дека Џенова ја разгледува можноста да му врачи отказ на Чезаре Прандели а на негово место уште еднаш да го врати Давиде Балардини.

Италија

Џенова се само пет бода над зоната за испаѓање откако беа поразени на свој терен од Торино со 1-0.

Според „Газета дело Спорт“, претседателот на Џенова размислува да му даде отказ на Прандели по само 19 натпревари на клупата.

Џенова сезоната ја почна со Балардини на клупата, но тој беше отпуштен на 9 октомври, на негово место дојде Јуриќ. Иван Јуриќ на клупата издржа до 7 декември кога беше назначен Чезаре Прандели.

Претседателот на Џенова, Енрико Прециоси не е задоволен од Прандели и сака да направи уште една тренерска промена.

Се шпекулира дека Прандели ќе добие отказ, а на негово место ќе се врати Балардини иако Прециоси не штедеше навреди за него кога го отпушти.

„Тој е ужасен тренер и во неговата кариера бил отпуштен 13 пати во 14 сезони“, изјави тогаш Прециоси.

„Не можам да негирам дека минатата година имаше заслуги за тоа што обезбедивме опастанок, но тој останува тренер само за комплицирани ситуации. Никогаш не бил добар ако почне од почетокот на сезоната, никогаш немал квалитет“.

„Балардини е прекрасен човек, но е ужасен тренер, не знае како да го постави тимот на теренот, не може ништо да направи“.

Нејасно е како по оваа изјава Балардини би прифатил да се врати на клупата на Џенова.