24фудбал

Невил наброја шест играчи на Манчестер јунајтед кои играат под своите можности и очекувањата

Поранешниот капитен на „ѓаволите“, Гери Невил го впери прстот во шест фудбалери и ги обвини дека не прикажуваат задоволувачки партии.

Англија

Фудбалерите на Манчестер јунајтед се на удар на критичарите откако загубија со 4-0 на „Гудисон Парк“ и беа испишани неколку негативни рекорди.

Гери Невил синоќа жестоко удри по ѕвездите, а поранешниот капитен на „ѓаволите“ сега наброја шест играчи кои играат под своите можности и очекувањата.

„Алексис Санчез. Не знам што се случува со него“ – вели легендата на „ѓаволите“ во својот подкаст за Скај Спортс.

„Маркус Рашфорд. Во живо ги гледав двата натпревари против Барселона. Маркус ми изгледаше изгубен. Дали влече повреда, или пак го стигна заморот од долгата сезона, но нешто не е во ред со него“.

„Ромелу Лукаку. Тој не се појавува на големите натпревари. Ова му се случува со години веќе“.

„Пол Погба се чини дека се врати на оној стариот Пол Погба од времето кога играше под водство на Жозе Мурињо, иако беше извонреден во претходните три месеци“.

„Антони Марсијал, неодамна се опорави од повреда, но ми се чини дека повторно се врати на оние стари изданија кога само си каска по теренот“.

„Де Геа не личи на самиот себе, ми делува дека е расеан и нешто друго му го одвлекува вниманието“.