24фудбал

Проблеми за Реал, нема пристигнато ниту една понуда за Герет Бејл, се размислува за план Б

Според пишувањата на Марка, Реал Мадрид нема добиено ниту една понуда за Герет Бејл па лидерите на „Бернабеу“ ја разгледуваат опцијата да го испратат Велшанецот на позајмица.

Шпанија

Реал Мадрид и Зинедин Зидан не сметаат на Герет Бејл за следната сезона, агентот на играчот веќе е известен дека може да бара нова дестинација. Но „кралевите“ се соочуваат со проблем, до сега нема пристигнато ниту една конкретна понуда.

Како што пренесува Марка, нема официјален интерес за Велшанецот и покрај тоа што низ медиумите често има шпекулации за неговата иднина.

Реал Мадрид се надева дека неколку клубови од Премиерлигата ќе пројават интерес за Герет Бејл, прва опција им е Манчестер јунајтед, но до овој момент никој не тропнал на вратата на „кралевите“.

Марка посочува дека клубовите кои можат да си го дозволат Герет Бејл (високата сума за трансфер како и платата од околу 17 милиони евра годишно) се малку, ПСЖ и Баерн Минхен се други опции, но ниту тие не се подготвени да ризикуваат со играч кој наскоро ќе наполни 30 години а во минатото имаше и големи проблеми со повредите.

Па Реал Мадрид е подготвен за план Б и да му дозволи на фудбалерот да замине на позајмица со опција за перманентен трансфер, како што тоа беше случајот со Хамес Родригез пред две години.