24фудбал

ПСЖ планира добро да го одврзе ќесето за Де Хеа

Богатиот француски клуб нема да има никаков проблем за да ги исполни финансиските желби на шпанскиот голман, кој се' поизвесно е дека ќе си замине од Манчестер јунајтед, клуб кој веројатно нема намера да се согласи на неговите огромни барања во однос на платата.

Франција

Чуварот на мрежата од голот на Манчестер јунајтед, Давид Де Хеа котира највисоко на листата на желби кај францускиот првак ПСЖ, а тимот од Париз наводно планира добро да го одврзе ќесето за да го добие потписот на Шпанецот на лето.

Де Хеа подолг период има неуспешни преговори со Манчестер јунајтед околу продолжување на соработката, на Островот главната вест околу неговиот статус од поодамна е дека сака плата колку онаа на Алексис Санчез, или поточно, 350.000 фунти неделно, плата која со бонуси и други премии достигнува до фантастични 500.000 фунти на неделна основа.

Извесно е дека Премиерлигашот нема намера да ја исполни таа желба на Шпанецот, па нема да зачуди ако Де Хеа си замине од Олд Трафорд на лето, ако се земе во предвид дека неговиот договор истекува идната година, па Манчестер јунајтед нема да сака да ризикува да остане со куси ракави и да остане без обештетување при негово евентуално заминување од тимот.

Дејли Стар пишува дека ПСЖ нема никаков проблем во тоа да му понуди годишна плата на Де Хеа во висина од 24 милиони евра, понуда која сигурно би го ставила Шпанецот сериозно да размисли да замине во француската престолнина.