24фудбал

Лаказет и Обамејанг го носат Арсенал на чекор до финале, Челси се избори за реми (ВИДЕО)

Арсенал се врати од гол негатива и славеше со 3-1 против Валенсија во полуфиналето на Лига Европа, Челси се избори за 1-1 на гостувањето кај Ајнтрахт Франкфурт.

Лига Европа

„Топчиите“ обезбедија убава предност пред реваншот на Местаља откако вечерва пред своите фанови со 3-1 ја совладаа Валенсија.

Гостите одлично го отворија мечот и поведоа со голот на Диакаби во 11. минута. Сепак Арсенал брзо се врати. Обамејанг изби сам по еден брз напад и несебично му подаде на Лаказет за изедначување.

Французинот во 26. минута по втор пат се запиша во листата на стрелци и со глава го матираше Нето за 2-1.

Лаказет потоа пропушти неколку убави шанси за хет-трик и зголемување на предноста, но Обамејанг на почетокот од судиското надополнување реализираше и постигна гол кој може да биде клучен.

Во Франкфурт, Ајнтрахт и Челси одиграа 1-1. Домаќините поведоа со голот на Јовиќ, но гостите пред крајот на првиот дел се изборија за реми преку Педро.