24фудбал

Парите го уништуваат фудбалот, од 2024 Лигата на шампионите ќе стане само привилегија за богатите?

Лигата на шампионите каква што ја знаеме денес наскоро ќе престане да постои, откриени се документи за тоа каква би требало да стане од 2024 година, богатите ќе се богатат, а за другите ќе има минимални шанси да влезат во друштвото.

Лига на Шампиони

УЕФА веќе најави дека се подготвуваат реформи во Лигата на шампионите кои треба да се случат за пет години. Натпреварувањето се повеќе треба да наликува на Суперлига, а мечевите да се играат за викенд. Премиерлигата и Примера се побунија на ваквите предлози, но парите се посилни од се, па од 2024 би требало да добиеме една поинаква ЛШ.

Новинската агенција „Асошиејтед Прес“ дошла до документите и го објави предлогот на УЕФА и ЕКА (Европска клупска асоцијација) за тоа како ќе изгледа Лигата на шампионите од 2024 година.

Бројот ќе остане непроменет, 32 екипи ќе учествуваат во Лигата на шампионите, но 24 од нив ќе имаат загарантирано место. Тоа се гигантите кои без разлика на пласманот во домашните првенства секогаш ќе имаат место во Лигата на шампионите. Четири екипи ќе обезбедат пласман преку Лига Европа, тоа се четирите полуфиналисти. И ќе останат само четири места кои ќе бидат пополнети преку квалификации. 

Значи за екипите кои не спаѓаат во тие 24 гиганти, а тоа се многу, пред се од Источна Европа, ќе има само четири места преку квалификации. 

Како што рековме, бројот на екипи ќе остане 32, но системот ќе се промени. Наместо осум групи со по четири екипи, ќе има четири групи со по осум тимови. Тоа е со цел да има повеќе натпревари во групната фаза за да има повеќе пари за клубовите од тв права и други маркетинг активности.

На тој начин богатите клубови ќе продолжат да се богатат, а тоа ќе доведе и до неинтересни домашни првенства каде јазот дополнително ќе се зголеми, се помалку ќе има изненадувања и пријатни фудбалски приказни како онаа за Лестер или оваа за Ајакс која се случуваше сезонава.

На остатокот од Европа ќе му остане Лига Европа која разбирливо ќе биде помалку атрактивна со многу помали финансиски награди.

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин не ги демантираше ваквите тврдења, само рече дека уште ништо официјално не е одлучено.

„Ништо не е одлучено, ова се само идеи и размислувања“, изјави Чеферин.

Фудбалот е спорт број еден во најголемиот дел од земјите во Европа и неспоредливо поголем од сите други, доколку се елитизира и стане играчка за богатите и ќе го загуби својот сјај.