24фудбал

Со Ферги нема шала, Бекам откри како Сер Алекс му наредил да ја избричи главата во соблекувалната на Вембли!

Сер Алекс Фергусон беше главен во Манчестер јунајтед а тоа на своја кожа во неколку наврати го има осетено и големиот Дејвид Бекам, фудбалската икона сега се потсети на еден инцидент од соблекувалната на Вембли.

Англија

Англичанецот беше еден од најголемите фудбалски брендови, но и за него важеа строгите фудбалски правила кои ги имаше наметнато бескомпромисниот Сер Алекс Фергусон.

По повод 20-годишнината од освојувањето на историската тројна круна на Манчестер јунајтед, Дејвид Бекам потсети на еден инцидент од соблекувалната на Вембли. Ферги збеснал кога видел дека популарниот Бекси има „мохиканка“ па му наредил да ја избричи главата во тоалетот.

„Влегов во соблекувалната и тој се уште ја немаше видено мојата фризура бидејќи бев премногу исплашен да му ја покажам“ – вели легендата на „ѓаволите“.

„Претходниот ден тренирав со капа на главата, кога се вратив во хотелот носев капа, кога бев на вечера носев капа, бев на доручек следниот ден со капа, па дури носев капа на главата и во автобусот на пат кон стадионот“.

„И кога почнавме да се подготвуваме за натпреварот ја извадив капата а тој само ми рече „оди и избричи ја главата“. Јас почнав да се кикотам, а Ферги отсечно ми кажа, „навистина сум сериозен, оди и избричи ја главата“. Па во тоалетот на Вембли ја избричив главата. Ферги беше главен и секогаш се слушаше неговиот глас“.

Црвста рака како Сер Алекс Фергусон во денешниот фудбал има се помалку и играчите се тие кои најчесто командуваат.

„Најнормално е во денешниот фудбал да се има „мохиканка“ или да се стави тетоважа на вратот или пак да се носат копачки во најразлични бои. Кога ние растевме, тренерот немаше шанси да ни дозволи да се појавиме на терен со црвени копачки. Па дури и бели копачки не ни беа дозволени. Но ваквите работи сега се имаат променето“.