24фудбал

Политиката сепак посилна од спортот, Арсенал без Мхитарјан за финалето од Лига Европа!

Арсенал соопшти лоши вест пред дуелот со Челси во Баку, Хенрих Мхитарјан нема да биде дел од составот на „топчиите“ за финалето од Лига Европа поради политички причини.

Лига Европа

Изминатиов период често се говореше за можноста Хенрих Мхитарјан да не настапи во финалето и покрај тоа што тој е играчот на Арсенал кој забележа најголема минутажа во Лига Европа оваа сезона.

Причина е конфликтот кој го имаат Азербејџан и Ерменија, па фудбалерот има проблем да добие виза за пресметката во Баку.

И покрај тоа што од УЕФА најавија дека ќе сторат се што можат за да ги обезбедат потребните документи и да гарантираат за безбедноста на Ерменецот, Арсенал попладнево соопшти дека Хенрих Мхитарјан нема да патува во Азербејџан.

„Разочарани сме што треба да соопштиме дека Хенрих Мхитарјан нема да патува со со тимот за финалето од Лига Европа против Челси“ – гласеше известувањето на клубот од Северен Лондон. 

„Темелно ги истраживме сите опции за Мики да биде дел од составот и откако разговаравме со играчот и неговото семејство, заедно одлучивме тој да не биде дел од експедицијата“.

„Испративме писмо до УЕФА за да изразиме сериозна загриженост за оваа ситуација. Мики беше клучен играч во нашата авантура до финалето па ова е голема загуба за нашиот тим. Исто така, многу е жално еден играч па пропушти големо европско финале поради вакви околности, ретко во кариерата ви се укажува да бидете дел од ваков спектакл“.