24фудбал

Мхитарјан се огласи по одлуката на Арсенал да не го носи во Баку поради безбедносни причини (ФОТО)

Хенрих Мхитарјан се огласи на социјалните мрежи откако „топчиите“ соопштија дека Ерменецот ќе го пропушти финалето во Лига Европа и пресметката со Челси во Баку.

Лига Европа

Фудбалерот во својата кариера прескокна неколку натпревари во Азербејџан поради конфликтот на оваа земја со неговата Ерменија. Но со оглед на тоа што Хенрих Мхитарјан сега треба да игра финале и да се бори за трофеј, од УЕФА најавија дека ќе направат се за играчот да се појави во Баку.

И покрај тоа што имаше најави дека ќе биде гарантирана безбедноста на фудбалерот, Арсенал попладнево соопшти дека Ерменецот нема да биде дел од спектаклот и пресметката со Челси.

По ваквите вести, на социјалните мрежи се огласи самиот Хенрих Мхитарјан, кој призна дека боли одлуката да не патува со тимот.

„Не ви се укажуваат многу прилики да играте на вакви натпревари и морам да признам, боли тоа што ќе го пропуштам финалето. Ќе ги бодрам моите соиграчи, ајде да го донесеме трофејот дома!“ – напиша популарниот Мики на Твитер и постираше слика со пехарот во Лига Европа до кој стигна со Манчестер јунајтед во сезоната 2016/17.