24фудбал

Ракитиќ на излезна врата од Камп Ноу, Хрватот би можел во Манчестер јунајтед

Премиерлигашот не отстапува од својот интерес за услугите на искусниот Хрват кој се' поизвесно е дека ќе си замине од редовите на Барселона ова лето, се чини дека ангажманот на Де Јонг е дополнителна мотивација за такво сценарио.

Англија

Манчестер јунајтед наводно го поставил Иван Ракитиќ како еден од приоритетите за летниот преоден рок, а Премиерлигашот, според информациите кои пристигнуваат е подготвен да издвои околу 40 милиони евра.

„Експрес“ пренесе дека Оле Гунар Солскјер сака да направи промени во составот на Премиерлигашот, а Иван Ракитиќ е еден од главните фудбалери во тој негов проект, „Дејли Рекорд“ пак, пренесе дека Црвените ѓаволи и натаму не се откажуваат од трката за потписот на Хрватот за чии услуги Барселона наводно бара 55 милиони евра.

Медиумите на Островот тврдат дека големи промени се очекува да има во средниот ред на Премиерлигашот, откако во јануари си замина Маруан Фелаини, а ова лето тимот ќе го напушти и Андер Ерера, и тоа како слободен играч на трансфер пазарот.

Договорот на 31 годишниот Ракитиќ со Барселона истекува во 2021. година, последен пат потпис на договор со Каталонците стави пред две години, подолг период јавно бараше нов договор и потенцираше дека сака да остане на Камп Ноу, но, извесно е дека на лето ќе дојде до разделба со клубот каде настапува од 2014. година па наваму, особено по ангажманот на Артуро Видал и Артур Мело ланското лето, како и веќе договорениот Френки де Јонг за ова лето.