24фудбал

Ангеловски: Полска има голем квалитет, но ако одиграме како што знаеме можеме да се радуваме

Пред македонската репрезентација се два значајни натпревари од квалификациите за Европското првенство во фудбал 2020 година, селекторот Игор Ангеловски е оптимист и верува во успех против Полска и Австрија.

Македонија

Македонија на 7 јуни ја пречекува Полска, а на 10 игра со Австрија. Селекторот Игор Ангеловски денеска го објави списокот на фудбалери за овие два натпревари и ја одржа редовната прес конференција.

„Повратници во составот се Радески и Адеми кои сега се здрави и подготвени за игра. Тука се и играчи кои имаа проблеми со повреди, Алиоски, Несторовски и Трајковски, но се додека имаа шанси за настап не се откажувам од нив. Ќе почнеме со тренинзи од 27 мај со 17 фудбалери со оглед на тоа што голем дел од првенствата се завршени, а официјалниот собир е на 3 јуни затоа што тоа е темин на ФИФА“, вели селекторот Ангеловски.

„Овие натпревари се многу значајни за нас. Добро знаеме кој ни доаѓа, но мора да веруваме во себе и да го дадеме најдоброто. Кога сме во најдобро издание можеме да победиме било кого. Се надевам дека за време на подготовките ќе ги одминеме повредите. Кога играте против селекција која е фаворит, секој позитивен резултат носи двојно затоа што ако им земете бодови тие ќе се обидат против другите селекции да го анулираат тоа што го загубиле од нас. Затоа ни е многу важен мечот со Полска. Се надевам на полн стадион и убава атмосфера која ќе ни даде уште поголема сила против Полска“.

„Полска има голем индивидуален квалитет, тука се Левандовски, Пјонтек, Милик, Зјелински... ние треба да имаме пристап како и на претходните натпревари, со таква игра можеме да дојдеме до резултат. Треба да го наметнеме нашиот стил на игра и се надеваме дека ќе дојдеме до она што го посакуваме“.