24фудбал

Клоп го пецна Гвардиола: Со години нема играно финале па затоа вели дека Премиерлигата му е поважна од ЛШ!

Јирген Клоп одговори на коментарите на Пеп Гвардиола дека триумф во Премиерлигата е поважен од успех во Лигата на шампионите, вели дека Шпанецот долги години нема финале во најелитното европско натпреварување па затоа зборува вака.

Лига на Шампиони

Германецот и Шпанецот имаа интересна битка во Премиерлигата која траеше до последното коло, на крајот Манчестер Сити стигна до титула со еден бод повеќе.

Јирген Клоп сепак има шанса да ја заврши сезоната со успех и да го подигне трофејот од Лигата на шампионите, Ливерпул во сабота во Мадрид се среќава со Тотнем во финалето.

Неодамна Пеп Гвардиола порача дека Премиерлигата е поважна од Лигата на шампионите, но Германецот не сакаше да остане покус и денеска му одговори на својот колега.

„Гвардиола мора да каже дека титулата во Премиерлигата му е поважна бидејќи со години нема играно финале. Тој е најдобриот тренер во светот и ги заслужува сите пофалби кои ги добива... Јас сега можам да ви кажам дека Лигата на шампионите е поважна бидејќи се уште можам да го освојам овој трофеј, битката во Премиерлигата веќе ја загубивме, Манчестер Сити беше пдобар тим“ - вели тренерот на Ливерпул.

„Црвените“ се изборија за финале откако приредија чудо на реваншот со Барса и триумфираа со 4-0.

„Ќе беше најдобро доколку финалето го игравме пет минути по победата над Барселона. Тоа беше најдобриот натпревар што сум го видел од тимовите кои сум ги водел. Дури и да победевме со 2-0 ќе бев горд на она што го прикажавме. Важно е и во сабота да имаме таков дух“.

Тој исто така порача дека Роберто Фирмино тренирал без проблеми и ќе биде фит за пресметката со Тотнем но од комбинација отпаѓа Наби Кеита.