24фудбал

„Кој сака да ме ангажира нека му се јави на Леви“ - Ериксен побара нов предизвик и испрати порака до Реал

Кристијан Ериксен јавно кажа дека посакува да замине од Тотнем, вели дека сака нов предизвик и Реал Мадрид е опција, но додава дека „кралевите“ до овој момент немаат остварено контакт со „Спарси“.

Англија

Данецот, кој има уште 12 месеци од договорот, се посочува како една од трансфер желбите на Реал за засилување на средниот ред. Во разговор со Екстра Бладет, тој сега јавно кажа дека посакува да замине од Лондон и да искуси нов предизвик во кариерата.

Кристијан Ериксен вели дека Мадрид е опција за следна дестинација и ги повика „кралевите“ да стапат во контакт со Даниел Леви, првиот човек на Тотнем.

„Чувствувам дека сум во етапа од кариерата кога би сакал да искусам нешто ново. Имам огромна почит за она што се случува во Тотнем и не можам да кажам ништо лошо. Едноставно сакам нова авантура“ – вели Ериксен.

„Се надевам дека ќе се случи нешто летово. Во фудбалот никогаш не знаете кога ќе се случи трансфер, некогаш се потребни денови, некогаш недели па и месеци. Секако, најдобро е кога брзо се решаваат работите, но во фудбалот најчесто е потребно време“.

„Го напуштам Тотнем само за клуб кој е скалило погоре и Реал Мадрид дефинитивно е скалило погоре. Но за ова е потребно Реал Мадрид да крене слушалка, да му се јави на Тотнем и да каже дека го сака Кристијан. И колку што јас знам, ова се нема случено до сега“.

„Сè е во рацете на Даниел Леви, и секако треба да се појави друг клуб. Доколку ништо не се случи, ќе седнеме на маса со Тотнем и ќе разговараме за нов договор“.

Запрашан дали постои можност да ја одработи последната година од договорот со Тотнем и следното лето да замине како слободен играч, тој додава: „Тешко е да се каже. Се зависи од тоа какви можности ќе ми се укажат. Доколку нема интересни понуди, секако дека би можел да останам. Дали ќе ставам потпис на нов договор зависи од тоа какви услови ќе ми бидат понудени“.