24фудбал

Реал побарал од Манчестер јунајтед да ја соопшти сумата која ја бара за Погба, како одговор добил „Не е на продажба“

Зинедин Зидан побарал од Флорентино Перез да му ја исполни последната желба и да го донесе Пол Погба, па Реал сега со сите сили ќе тргне во офанзива по фудбалерот од средниот ред но Манчестер јунајтед не сака да го продаде играчот

Шпанија

Реконструкцијата на составот, барем кога се во прашање засилувањата е во финална фаза. Реал веќе ги договори Едер Милитао, Лука Јовиќ и Еден Азар, а се очекува наскоро да биде потврден и агажманот на Ферлан Менди.

Па ќе остане само уште да се донесе фудбалер од средниот ред. Прва желба на Зинедин Зидан е Пол Погба, и според Марка, Зизу јасно до знаење му ставил на Флорентино Перез дека не ги сака ниту Кристијан Ериксен ниту Дони ван де Бек и преферира неговиот сонародник летоска да пристигне во Мадрид.

Па „кралевите“ ќе се обидат да ги задоволата барањата на својот тренер и  наскоро со сите сили ќе тргнат во офанзива по играчот на Манчестер јунајтед.

Зделката сепак воопшто нема да биде лесна. Според пишувањата на АС, Реал остварил контакт со Манчестер јунајтед и побарал да им ја соопшти сумата која ја бараат за Пол Погба. Но наместо бројка, како одговор добил „Не е на продажба“.

Марка додава дека клубот од Бернабеу има одредени адути во преговорите, односно желбата на Пол Погба да игра под водство на Зиден Зидан во новиот проект на Реал, па играчот дури е подготвен да ги намали барањата за плата и да изврши притисок врз Манчестер јунајтед да го продаде.

Доколку Французинот јавно каже дека сака трансфер во Мадрид, „ѓаволите“ ќе бидат приморани да седнат на маса со Реал. Но и во случај Манчестер јунајтед да прифати продажба на Пол Погба, се очекува да бара најмалку 150 милиони евра.