24фудбал

Рајола знае како да исцеди милион(и) повеќе, се сликаше во Париз па порача: Де Лихт во ПСЖ е „фејк њуз“

Мино Рајола денеска беше во Париз, медиумите пишуваа дека тој треба да го комплетира трансферот на Матајс де Лихт во ПСЖ, но контроверзниот агент вели дека преселба на Холанѓанецот на „Паркот на принцовите“ е „фејк њуз“.

Франција

Мино Рајола уште еднаш покажа дека знае како да исцеди милион(и) повеќе за неговиот клиент и за самиот себе. Матајс де Лихт е новата „златна кокошка“ и контроверзниот агент не бира средства како да го оствари тоа што го наумил.

Се верува дека Барселона од поодамна се има договорено со Ајакс и си има подадено рака со Де Лихт, но играчот и Мино Рајола бараат „каталонците“ да ја зголемат понудата отако на нивна адреса пристигнале неколку побогати предлози.

Шампионот на Шпанија одбива да го стори тоа и ризикува да остане без перспективниот дефанзивец. Синоќа беше објавено дека ПСЖ ќе ја добие битката и Мино Рајола во скоро време ќе ги испегла работите со „Светците“.

И контроверзниот агент денеска навистина беше во Париз, каде се сликаше со еден новинар на Радио Монте Карло, кој исто така пренесе дека се водат преговори за трансфер на Де Лихт на „Паркот на принцовите“.

Но вечерва се случи нов пресврт, Мино Рајола во разговор со новинската агенција АНСА вели дека вестите за трансфер на Де Лихт во ПСЖ се „фејк њуз“.

„Ова е класичен пример за „фејк њуз“. Фотографијата од мене и новинарот од Франција во Париз? Човекот ме праша дали може да се сликаме заедно, но јас не знам кој беше тој господин. Никогаш не сум разговарал со него“ – вели Мино Рајола.

Па агентот сега и дава надеж на Барса но и на другите клубови кои сакаат да го ангажираат Матајс де Лехт, како Манчестер јунајтед и Јувентус.