24фудбал

Азар: Од дете сонував да играм за Реал Мадрид, сега сум тука

Еден Азар денеска и официјално беше презентиран како ново засилување на Реал Мадрид, тој вели дека потписот за кралскиот клуб е остварување на неговиот детски сон.

Шпанија

Илијадници фанови се собраа на Сантијаго Бернабеу каде беше презентиран Еден Азар како ново засилување на Реал Мадрид. Тој стави потпис на договор до 30 јуни 2024 година.

„Навистина сакам да почнам да играм во овој дрес и да освојувам многу титули. Да играм во Реал Мадрид беше мој детски сон и сега сум тука“, изјави Еден Азар.

Говор одржа и претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез кој се обидува со новите засилувања да го врати клубот на врвот во Шпанија, пред Барселона.

„Долго време сакав да ги кажам овие зборови: Денеска му кажуваме добредојде на еден од најдобрите фудбалери во светот, сега Еден Азар е нов фудбалер на Реал Мадрид“, вели Флорентино Перез.

„Денеска сите наши партнери, нашите фанови и сите оние кои го сакаат овој клуб чувствуваат посебна емоција, возбуденост знаејќи дека фантастичен фудбалер е дел од овој тим, еден од оние поинакви играчи во фудбалот“.