24фудбал

Азар: Разговарав со Модриќ, го прашав дали ќе ми ја даде 10-та, ми рече НЕ!

Еден Азар денеска беше промовиран како нов фудбалер на Реал Мадрид, „кралевите“ веќе продаваат дресови од Белгиецот но само со неговото презиме бидејќи се уште не е јасно која бројка ќе ја одбере.

Шпанија

На Еден Азар му се оствари сонот да го облече дресот на Реал, а „кралевите“ по долги години добија звучно име за засилување. Околу 50.000 фанови се појавија на Бернабеу да го поздрават играчот, и само Кака и Кристијано Роналдо направиле поголема гужва на трибините.

„Кралевите“ веќе го нудат дресот на Белгиецот и тоа по цена од 110 и 150 долари, но на него стои само презимето на играчот бидејќи се уште не е јасно која бројка ќе ја одбере Еден Азар.

Тој целата своја кариера ја носи 10-та, но во Мадрид овој број е резервиран за Лука Модриќ, кој е актуелен освојувач на „Златната топка“. Веројатно 7-та е логичен избор но останува да видиме што ќе одлучат лидерите на Реал заедно со играчот.

На денешната промоција, Еден Азар беше запрашан на оваа тема и тој откри дека веќе разговарал со Лука Модриќ преку Матео Ковачиќ и добил негативен одговор од Хрватот за отстапување на дресот.

„Имав прилика да разговарам со Модриќ преку Ковачиќ, на шала го прашав дали ќе ми го остави дресот со број 10, но ми рече НЕ. Не ми е важно кој број ќе го носам, најважно е што ќе го носам дресот и грбот на Реал Мадрид“ – вели Еден Азар.

Запрашан за изведување пенали, улога која во моментов ја извршува Серхио Рамос, тој додава: „Кога играте за Реал, не сте единствената ѕвезда во тимот. Јас сум новајлијата и ќе се обидам да дадам што поголем придонес. Капитенот одлично изведува пенали, и доколку ме праша, а не верувам дека ќе ме праша, подготвен сум да шутирам“.

За тоа на која позиција сака да игра и како Зидан влијаел на неговиот избор, Белгиецот вели: „Сите знаат дека Зидан ми беше идол, и сега кога е тренер на Реал, тоа е многу важен фактор за мојата одлука, но секогаш сакав да играм за овој клуб. Преферирам да играм како лево крило или како 10-та, но тренерот е тој кој ќе одлучи за мојата улога“.