24фудбал

ФФМ го осуди инцидентот во Прилеп и застана зад Алиоски: Омразата не игра на наш терен!

Фудбалската федерација на Македонија ги осуди случувањата во Прилеп каде Езгјан Алиоски беше избркан од ресторан само затоа што зборувал албански.

Македонија

Езгјан Алиоски доживеа непријатен момент во својот роден град Прилеп откако во ресторанот „Ла Страда“ беше избркан затоа што зборувал албански. 

ФФМ застана зад фудбалерот на Македонија и ги осуди случувањата во Прилеп.

„Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува говорот на омраза чија последна жртва беше нашиот репрезентативец и фудбалски амбасадор Езџан Алиоски.

Ние како федерација и институција која е социјално одговорна и се залага за развој на позитивните вредности во општеството секогаш ќе стоиме на страната на правичниот третман и почитувањето, без оглед на верската, националната припадност, расата или бојата на кожата!

Сите репрезентативци кои со гордост го носат националниот дрес се нашите најголеми амбасадори, и заслужуваат секаква почит!

Уште еднаш сакаме да порачаме - Омразата не игра на наш терен! Да ја исклучиме и од нашето окружување!

Ги повикуваме институциите на системот соодветно да реагираат на ваквите немили настани, со цел никогаш да не се повторат“, стои во соопштението на ФФМ.